Во пресрет на Меѓународниот ден на жената од руралната средина кој се одбележува секоја година на 15 октомври, денеска се одржа настан во винаријата Сопот во Велес, за истакнување на клучната улога на жените во руралниот развој.
На настанот, организиран од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, се обрати г-ѓа Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, која истакна дека зајакнувањето на жените од руралните средини е од суштинско значење за борбата против климатските промени. Претседателот на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, г. Петар Ѓоргиевски, додаде дека е потребна поголема вклученост на жените од руралните средини во сите сфери на стопанството како и поактивно градење на нивниот претприемачки дух.
За време на настанот претставници од институции, организации и жени од рурални средини кои се членки на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија дискутираа за влијанието на климатските промени во руралните средини, со акцент на жените. Професорката Александра Мартиновска Стојческа од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и Лиљана Јоноски од Рурална коалиција, презентираа добри практики и решенија за справување со деструктивното влијание на климатските промени и егзистенцијалната ранливост на руралните средини.