Фон дер Лајен пристигна во Тирана, сретна со албанскиот претседател Бегај

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, попладнево пристигна во Тирана, каде утре се одржува Самитот на Берлинскиот процес.

Прва средба имаше со претседателот Бајрам Бегај, по што следува средба со премиерот Еди Рама, со кого ќе одржат прес-конференција.

„Денеска ја примив претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Се согласивме дека Самитот на Берлинскиот процес во Тирана ќе промовира подобри односи меѓу земјите од Западен Балкан и ќе ги изгради вистинските патеки за создавање на економски пазар во регионот. Албанија е одлучна на својот пат кон Европската унија“, напиша Бегај на Фејсбук по средбата.

Претседателката Лајен, на аеродромот „Мајка Тереза“ беше пречекана од државната  министерката за односи со парламентот Елиса Спиропали и евроамбасадорот во Тирана, Луиџи Сореца.

Спиропали напиша дека одржувањето  на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана е историски настан за земјата. 

– Имав посебно задоволство да и посакам добредојде на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Тирана, во рамките на Самитот на Берлинскиот процес. Овој самит е уште еден важен меѓународен настан за Албанија, кој за прв пат се одржува надвор од границите на ЕУ, со учество на шест премиери од регионот, лидери на земји членки на ЕУ, како и претставници на високо ниво и меѓународни организации од повеќе од 25 земји, пишува Спиропали.

Треба да знаете
Последни објави