Мамер: Израел има право да се брани, но треба да се избегне хуманитарна катастрофа во Газа

Во услови на бруталните терористички напади на Хамас врз Израел и трагичните случувања во Појасот Газа како резултат на блокадата, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел за утре свика вонреден состанок на лидерите на ЕУ, што ќе се одржи преку видео-конференција, соопшти денеска главниот портпарол на Европската комисија, Ерик Мамер.  

Во одговор на новинарско прашање дали тоа што го прави Израел во Газа претставува воено злосторство и дали ЕУ планира да преземе нешто, Мамер истакна дека ЕУ внимателно ги следи случувањата во Газа, но останува на својот претходно изнесен став дека по неиспровоцираниот напад на Хамас, Израел има право да се брани во согласност со меѓународното хуманитарно право. 

– Ја поздравуваме одлуката на израелските власти за обновата на снабдувањето со вода за Газа, изјави Мамер, додавајќи дека доколку дојде до масовно движење на населението треба да се направат напори да се избегне хуманитарна катастрофа.  

Мамер истакна дека Унијата беше јасна дека населението во Газа се наоѓа во сериозна состојба и за таа цел за време на викендов најави тројно зголемување на хуманитарната помошта за оваа година. 

– Ние сме во контакт со партнерите со кои соработуваме за испорака на оваа помош и правиме се што е во наша моќ да се осигуриме дека тоа ќе се случи, изјави Мамер, додавајќи дека конкретно ЕУ е во контакт со египетските власти со цел да овозможат отворање на граничните премини за да може хуманитарната помош да стигне до Газа. 

Според Мамер, ЕУ е насочена кон изнаоѓање начин за дистрибуција на неопходната помош за населението, но ситуацијата на теренот е сложена и постојано се менува. 

Портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано порача дека високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел е во контакт со колегите од земјите од регионот, вклучително и со Иран, со цел да им го пренесе ставот дека ЕУ очекува Хамас да прекине со нападите врз Израел и да го спречи страдањето на цивилите во Газа како резултат на неговото неодговорното однесување. 

– Високиот претставник јасна порача дека ЕУ очекува Иран да спречи прелевање на конфликтот и да го искористи своето влијае врз Хамас за да прекин бранот на терористички напади врз Израел кои продолжуваат до денеска. Неселективни се истрелуваат ракети, повеќето врз цивилни цели, изјави Стано, додавајќи дека ЕУ дава свој придонес за стопирање на ескалацијата и за враќање на преговарачката маса.  

На прашање дали ЕУ повикува на прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас, Стано одговори дека Хамас мора да ги прекине неиспоровоцираните напади врз Израел и да ги ослободи киднапираните цивили, бидејќи задржувањето цивили како заложници и користењето на цивилното население како жив штит претставува воено злосторство согласно меѓународното право.

– До денеска гледаме дека продолжуваат неселективните ракетни напади врз цивилни цели во Израел. Позицијата на ЕУ и на земјите членки е дека Израел има право да се брани од војната која му беше наметната, согласно меѓународното хуманитарно право. Хамас е тој кој им наметнува војната на Израел и на палестинскиот народ, додаде Стано.

Треба да знаете
Последни објави