Камиони со помош наменета за Појасот Газа пристигнаа денеска на египетската страна на граничниот премин Рафах меѓу Египет и Газа, единствениот граничен премин кој не е контролиран од Израел.
Камиони со помош сега чекаат да се отвори преминот од страната на Газа и да се обезбеди безбедно минување.
Според египетски безбедносни извори, преминот Рафах, „витална артерија“ пред почетокот на конфликтот, а сега клучна рута за премин на снабдување до палестинската енклава под израелска опсада, не е официјално затворен, но де факто не може да работи поради израелските воздушни напади од страната на Газа.
Претходно денеска, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека се согласил со израелските партнери да „развијат план што ќе овозможи хуманитарната помош од државите донатори и мултилатералните организации да стигне до цивилите во Газа“.
Договор е постигнат помошта да се доставува на одредени безбедни локации во Газа под надзор, во замена за ограничена евакуација на носители на странски пасоши.