Кристерсон: Сè укажува дека терористичкиот напад е насочен кон Шведска

Шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска изјави дека неколку часа по терористичкиот акт во Брисел, белгискиот премиер Александар Де Кроа му потврдил дека најверојатно нападот бил насочен кон Шведска.

„Сè укажува на фактот дека станува збор за терористички напад насочен против Шведска и шведските граѓани, само затоа што се Швеѓани“, рече Кристерсон на прес-конференција, пренесува шведскиот јавен сервис СВТ.

Премиерот потврди дека сите три жртви се шведски државјани.

Ладнокрвно беа убиени двајца Швеѓани. Уште едно лице, Швеѓанка, е тешко повредено и се наоѓа на лекување во болница“, изјави Кристерсон.

Тој рече дека белгиската полиција тесно соработува со шведската полиција и разузнавачки служби и дека според првичните проценки на полицијата станува збор за осамен сторител.

Осомничениот сторител бил застрелан и убиен во голема полициска акција изутрината.

Кристерсон истакна дека „живееме во мрачни времиња“, наведувајќи ги како примери нападот во Брисел и насилството од бандите кое нагло ескалира во земјата.

„Никогаш во модерните времиња Шведска и шведските интереси не биле толку загрозени како сега“, рече премиерот.

Тој додаде дека таквите напади се нешто што шведската безбедносна служба САПО го гледа како ризик, кога во август го зголеми нивото на закана од тероризам на четири на скала од пет точки.

„Сега знаеме со ледена јасност дека има причина за таа загриженост“, истакна Кристерсон.
Според него, терористичкиот акт, како и секој друг терор, бил обид да се исплаши Шведска, да се замолчи и да се присили на послушност, но тоа, како што изјави, нема да се случи.

„Мораме да го заштитиме нашето демократско и отворено општество. Ние не сме тие што се прилагодуваат на терористите“, рече шведскиот премиер.

Тој изјави дека осомничениот сторител повремено престојувал во Шведска, кога не и бил познат на полицијата.

Треба да знаете
Последни објави