Мицотакис: Демографското прашање е национална опасност што е во тек

Податоците од 2022 година беа навистина екстремно обесхрабрувачки. Земјата во суштина бележи едно раѓање на секои два смртни случаи. Тоа е негативен биланс, кој, за жал, ескалира веќе речиси половина век, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи на конференција посветена на демографското прашање за кое рече дека е „национална опасност која е во полн ек“, но и опасност која, сепак,треба да се спречи, јави дописничката на МИА од Атина. 

Мицотакис посочи дека станува збор за проблем што го засега целиот Запад и сите развиени општества и е поврзан со современиот начин на живот, но во Грција е „оптоварено и со други особености“.

-Вистина е дека денес нашиот народ е меѓу најстарите во Европа. Во последните пет години, Гркинките на возраст од 20 до 40 години се намалени за 150.000, како резултат на падот на раѓањата што всушност започна во 80-тите години, рече грчкиот премиер. 

Истакна дека не постојат магични решенија, ниту пак има опции што можат да донесат брзи резултати и неопходен е долгорочен напор од државата, бизнисите, но и самите граѓани.

Додаде дека „станува збор за исклучително сложен предизвик за кој се потребни повеќеслојни дејствија“, а како пример ги спомена отстранувањето на пречките за оние кои сакаат да станат родители, усогласувањето на семејниот и професионалниот живот, грижата за јавното здравје, отворањето нови работни места за младите итн. 

Паралелно се осврна и на мерките што Владата ги презеде за време на претходниот мандат, а се однесуваат на семејствата со деца, на детските додатоци, на породилните отсуства и слично.

Треба да знаете
Последни објави