Грчката полиција разби криминална организација со меѓународен карактер која увезувала во Грција контејнери со големи количества кокаин од Јужна Америка, уапсени се три лица и откриени речиси 67 килограми кокаин, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димогиду информираше дека уапсените најмалку од 2022 година биле дел од криминална организација активна во трговија на кокаин, од Латинска Америка до европскиот пазар по морски пат.
Дрогата се складирала во контејнери, поточно во механизмите за замрзнување, а откако била увезувана во европските земји, меѓу кои и Грција, или како крајна дестинација или како земја транзит, се продавала за огромни износи.
Во полициска акција вчера напладне, првично бил откриен еден од уапсените кој воедно имал и лидерска улога, во неговиот дом бил пронајден кокаин, а подоцна бил извршен претрес во контејнерот каде биле откриени 58 пакувања со кокаин со тежина од 66 килограми и 989 грама.