На претседателот Пендаровски му доделено признанието Медал на Црвениот крст

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати по повод реализацијата на симулациската вежба „Хуманитарен одговoр 2023″, која се одржa под покровителство на претседателот, а во организација на  Црвениот крст на Република Северна Македонија во соработка со повеќе државни институции, институции за кризен менаџмент, како и национални друштва на Црвен крст од неколку земји од регионот.

Во рамки на настанот, кој се одржа во Градскиот парк во Скопје, на претседателот Пендаровски му беше доделено признанието Медал на Црвениот крст.

Симулациската вежба по прва помош во итна ситуација–земјотрес се организира по повод одбележувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и како резултат на зачестените катастрофи во земјата и регионот.

-Ми претставува задоволство да ви се обратам по повод штотуку завршената вежба „Хуманитарен одговор 2023″ за која ја имав честа да бидам покровител.Станува збор за настан, на кој на дело можеа да се видат капацитетите и подготвеноста на Црвениот крст на Република Северна Македонија, а сето тоа во соработка со сите релевантни партнери и фактори во системот на управување со кризи во нашата држава. Оваа вежба ги покажа сите позитивни страни од партнерството помеѓу државните институции и граѓанските организации, како и интерсекторската поврзаност и меѓуинституционалната соработка.

Токму преку настани како денешниов се отвора можност за унапредување на координацијата и комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент во државата, а тоа е од витален интерес за сите наши граѓани. Знаеме дека живееме во земјотресно активно подрачје и истовремено, сите сме свесни за климатските промени кои носат опасност од зачестени временски непогоди како поплави и екстремно високи температури,  кои погодуваат на појавата на суши и пожари. Неодамна бевме сведоци и на досега невидени појави кај нас, како што беше торнадото кое се појави во битолскиот регион.

Затоа е нужно да работиме и да придонесуваме за подготвеноста на институциите и на граѓанските организации, како Црвениот крст, за да имаме брз и адекватен одговор во итни и кризни ситуации. Не помалку значајна за квалитетен одговор на кризните ситуации е и меѓународната соработка, односно, поддршката, пред сè, од нашите сојузници, партнери и соседи. Сето ова дава дополнителна сигурност кај нашите граѓани и увереност дека во случај на потреба, меѓународната солидарност нема да изостане, рече меѓу другото претседателот Пендаровски.

Треба да знаете
Последни објави