Мал број македонски компании со „Стандарди за одржливост“, тоа е реален проблем за извозот   

Мал број од македонските компании, извозно ориентирани се запознаени или пак информирани со новите препораки од ЕУ врз основа на нејзините директиви со кои се бара да се обезбедат т н. сертификати или извештаи за „стандарди за одржливост“, а тоа подразбира извештај за активности и сертификати во повеќе области (животна средина, екологија, добро управување, добар менаџмент итн).

Според динамиката, ЕУ ќе дава низа поволности за нејзините компании кои ги имаат ваквите извештаи, но една од причините за идната соработка на македонските компании со традиционалните партнери во ЕУ е токму имањето на овој сертификат.

Стопанската комора на Северна Македонија излезе со став дека мал број македонски компании ги имаат имплементирано „еколошките стандарди“ на ЕУ.

„Комората си води сопствен регистар според кој некаде околу 160-170 компании го имаат имплементирано основниот стандард ИСО 9001. Мал е бројот на компаниите кои го имаат имплементирано стандардот ИСО 14001. Сега за сега манипулираме со бројот 20-ина компании, меѓутоа интересот станува се поголем и поголем. Очекуваме таа бројка да расте, рече Емилија Тодоровска од Стопанската комора на прес-конференцијата одржана во понеделникот.

Дека треба да се работи на ова поле, смета и Ангел Димитров од „Организацијата на работодавачи.

„Компаниите кои работат т.е. извезуваат во ЕУ веќе имаат разни сертификати за почитувањето на социјални или еколошки стандарди. Најголемиот број на текстилните компании веќе имаат добиено БСЦИ сертификат од Амфори кој се однесува за социјалниот менаџмент, заштита на работнички права, недискриминација и друга заштита на вработените. Некои компании имаат добиено и ОЕКО-ТЕХ сертификат од STeP кој покрај социјалните стандарди ги опфаќа и заштита на животната средина и работа со хемиски материјали.

Текстилниот кластер има добиено сертификат со кој може да врши обуки на компаниите за добивање на БСЦИ сертификатот. Покрај кластерот во Македонија постојат неколку компании кои се бават со сертификација и кои можат да дадат одредени насоки и помош на компаниите.

Се разбира дека сето ова чини средства и компаниите кои не добиваат никаква помош од странските партнери мораат овие трошоци да ги сносат самите. Министерството за економија има на неколку пати огласи со кои ги повикува компаниите кои имаат вакви трошоци да добијат субвенции за истите. Трошоците не се однесуваат само на добивање на сертификатот туку и трошоците за разни испитувања, елаборати, вежби, обуки, уредување на производните простории и слично , па затоа многу е важно европските партнери да учествуваат во покривањето на дел од овие трошоци“. вели тој.

Од комората за мал бизнис истакнуваат дека тие имале проект поддржан од ЕУ и успеале да организираат и сертифицираат над 20 компании во Македонија со сертификат, односно извештај, кој ги исполнува критериумите барани од ЕУ за чекорите кои следуваат.

Во моментов, како што сме информирани од таму, има интерес за овој сертификат од неколку странски компании кои се инвеститори во Македонија, но има интерес и од компании надвор од државата.

Треба да знаете
Последни објави