Маричиќ: Со ИПАРД програмата македонските компании стануваат поконкурентни на пазарот на ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, денеска ја посетија компанијата „Вивакс“.Во своето обраќање вицепремиерот Маричиќ рече дека успешноста на компанијата „Вивакс“ е пример за важноста и придобивките од спроведувањето на ИПАРД програмата на терен.

– Резултатите се видливи дека со поддршка на оваа европска програма, преку инвестиции во опрема, машини и уреди за преработка, преработувачкиот сектор добива можност да започне или да го подобри постоечкиот бизнис, како што тоа го направи компанијата Вивакс, изјави Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ укажа дека и во моментот додека преговараме со Европската Унија, придобивките се веќе видливи и дека очекува новата ИПАРД 3 програма која е со повисока поддршка од ИПАРД 2, да има 100% искористена, за како што рече „да го задржиме приматот лидери во регионот во реализација на оваа европска програма“.

После обиколката на лаборатории и погоните за производство, опремени со поддршка на ИПАРД програмата, со вкупна вредност од над 1,74 милиони евра, вицепремиерот Маричиќ додаде ИПАРД е успешна европска приказна за македонските земјоделци и стопанственици и дека тоа покажува подготвеност од наша страна да продолжиме понатаму во усогласувањето за членство во ЕУ.

– Конкретно со ИПАРД програмата македонските земјоделци, стопанство и институции имаат голема поддршка од европските партнери. И тоа треба да го искористиме и да инвестираме повеќе, да станеме дополнително независни и самоодржливи во поглед на храна, енергија и економски развој, посочи Маричиќ.

Треба да знаете
Последни објави