Црвен крст симулираше прва помош при земјотрес на вежбата „Хуманитарен одговор 2023“

Со симулација на прва помош при итна ситуација – земјотрес, Црвениот крст денеска кај Градски Парк во Скопје ја одржа вежбата „Хуманитарен одговор 2023“.

Целта на вежбата е да се претстават капацитетите, можностите и подготвеноста на Црвениот крст на Северна Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето истакна дека ова вежба ги покажа сите позитивни страни од партнерството меѓу државните институции и граѓанските организации, како и интерсекторската поврзаност и меѓуинституционалната соработка. 

-Токму како настани како денешниот се отвора простор за унапредување на координацијата и на комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент, посочи Пендаровски.

Учесници на вежбата се Црвениот Крст на Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Северна Македонија, Итна медицинска помош – тријажен центар и укажување на прва помош.

Понатаму, на вежбата учествуваат Министерство за труд и социјална политика, Македонска радио телевизија- медиумско информирање за кризната состојба, Противпожарната територијална единица, Комора на психолози, Агенција за храна и ветерина, Црвениот крст на град Скопје.

Покрај нив, учесници се и општински организации на Црвениот крст, Тимови на Национални друштва од регионот (Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Германија), претставници од универзитетите во Северна Македонија (УКИМ, УГД, УКЛО), независни експерти од областа и различни тела од Системот за управување со кризи (СУК), на локално и регионално рамниште.

Треба да знаете
Последни објави