Со денови се одржуваат пропалестински протести во поголемите градови во Германија, како Франкфурт на Мајна и Касел, а во текот на изминатата ноќ избувнаа немири во берлинскиот кварт Нојкелн.
Демонстрантите фрлаа бакли и други пиротехнички средства кон полицијата, запалени корпи за отпадоци, а според „Политико“ повредени се 65 полицајци, додека 174 лица се уапсени.
Се додава дека повредени се и случајни минувачи и луѓе кои се спротивставиле на полицијата.
Демонстрациите се случија еден ден по експлозијата во болница во Газа, напад за кој Израел и Хамас се обвинија едни со други.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги осуди антисемитските слогани на протестите во Берлин.
„Антисемитизмот нема место во Германија и ќе направиме се што можеме за да му се спротивставиме. Тоа ќе го направиме како граѓани, како оние кои сносат политичка одговорност“, рече Шолц.
Молотови коктели во средата наутро биле фрлени и врз синагога во Берлин, но за среќа никој не бил повреден.
Министерот за правда Марко Бушман истакна дека слободата на демонстрации е суштинско право, но дека не е прифатливо да се поттикнуваат против Евреите под превезот на мирни демонстрации, пренесува РТ Балкан.
„Мораме да го спроведеме законот на нашите улици“, нагласи Бушман.
Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија Херберт Ројл ги поздрави плановите за забрана на активностите на радикалниот исламски Хамас, но рече дека не треба да се очекува дека тоа ќе го реши проблемот. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ги повика муслиманските организации да се дистанцираат од Хамас.
„Очекувам дека муслиманските организации и здруженија јасно ќе се дистанцираат од теророт на Хамас“, изјави Штајнмаер за јавниот сервис МДР и нагласи дека еврејскиот живот заслужува заштита, што е и „последица на историјата“.