Три лица повредени во собраќајка на бул. „АСНОМ“ во Скопје

Три лица се повредени во сообраќајната несреќа што се случила ноќеска на бул. „АСНОМ“ во Скопје меѓу автобус на ЈСП Скопје и патничко возило.  Со тешки телесни повреди се здобила сопатничка во возилото, а со телесни повреди двајцата возачи, потврдија за  МИА од СВР Скопје. 

Како што појаснуваат, ноќеска вo 23.50 часот било пријавено дека во Скопје, на крстосница од бул.„АСНОМ“ со сервисна улица се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(29) од Скопје, и автобус на ЈСП, управуван од С.Б.(33) од Скопје.

-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило С.М.(33) од Кочани, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, изјавија од СВР Скопје.

Од ЈСП Скопје за МИА информираа дека во автобусот „Јутонг“ кој сообраќал на линија 3 немало патници, завршил со смена  и се повлекувал во гаражата во Автокоманда. 

-Полесно повреден бил возачот на автобусот, а потешко повредени биле возачот и совозачот од патничкото моторно возило. Причинета е материјална штета на двете возила. Според увидот и записникот на внатрешната контрола на ЈСП, патничкото моторно возило удрило во автобусот со неприлагодена брзина, велат од ЈСП Скопје.

На крстосницата кај што се случи сообраќајката и изутринава имаше остатоци од оштетените возила, а сообраќајот се одвиваше по една лента. 

Треба да знаете
Последни објави