Хрватскиот фудбалски стручњак Роберт Просинечки ќе биде нов тренер на албанскиот клуб Партизани, објавија денеска хрватските медиуми.
Просинечки (53) на клупата на Партизани ќе го замени сонародникот Зоран Зекиќ, кој неодамна го напушти клубот и се врати во татковината за да стане тренер на Осиек.
Хрватските медиуми тврдат дека Просинечки веќе отпатувал во Албанија на финалните преговори и дека потпишувањето на договорот е само формалност.
Партизани, актуелниот шампион на Албанија, моментно е петтопласираниот клуб во албанското првенство со 11 освоени бодови, но и два натпревари помалку од лидерот Егнатија кој има 16 бодови. Партизани во текот на летото ги одложи натпреварите поради обврските во квалификациите за европските натпреварувања, но на крајот не оствари пласман во групната фаза.