Оточан: Сега имаме јаз од 10 години, најголемиот од првото проширување на ЕУ

Сега имаме јаз од 10 години, кој е најголемиот од првото проширување на Европската Унија, но би рекол дека тој ќе биде уште многу поголем, истакна претседателот на Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА, Ориано Оточан, на меѓународната конференција што се одржува денеска и утре во Министерството за надворешни работи на тема „Пошироко европско општество: Важноста на локалното владеење“, споредувајќи ги годишните разлики на проширувањето на Европската Унија со другите земји во текот на историјата.

Оточан потсети дека Хрватска ги почна преговорите во 2005 година, траеле шест години, завршиле во 2011 година и после две години станалe ЕУ членка, односно процесот отприлика траел осум години, а  на државата и биле одложени многу можности само поради проблемите со границата со Словенија.

-Македонија доби кандидатски статус во ноември 2005 година, додека предлогот за отпочнување на преговорите беше во 2015 година, преговорите ги почнавме во 2020 година, секако ги знаеме сите проблеми што се случија во овој период со соседите на Македонија. Значи ЕУ изгубила 15 години кои не зависеа од Македонија туку и ЕУ изгуби, посочи тој.

Во однос на тоа, тој рече дека во периодот после 2005 година се работело на помагање на имплементирањето на ЕУ фондовите преку формирање разни асоцијации, а една од нив е  АЛДА која го прави тоа веќе 30 години.

-АЛДА во соработка со локалните демократски асоцијации го прави токму тоа што е потребно во процесот на проширувањето, рече Оточан.

Катица Јанева од АЛДА посочи дека земјите од Западен Балкан веќе подолго време се земји кандидати за влез во Европската Унија и оти подолг период работат на реформите за разлика од Украина и Молдавија коишто се една година како земји кандидати.

-Оттука и локалните власти и граѓанските организации коишто работат заеднички имаат значителен мултипликативен капацитет и тие се двигатели за промени на локално ниво, рече Јанева.

Та истакна дека АЛДА често работи со локалните самоуправи и оти сите теми коишто се поврзани со евроинтеграциите битно е да бидат исто така обработувани и на локално ниво, а самите општини да бидат подготвени и да бидат двигатели на спроведување на реформите бидејќи се најблиски до граѓаните.

Заменик министерот за надворешни работи, Фатмире Исаки, пак, ја истакна целосната посветеност на земјава за регионална интеграција преку политички, економски и безбедносни иницијативи.

-Верувам дека ние како регион, мора да ги зголемиме нашите напори за придонес во интерни реформи, како и за регионалната соработка како и за зачестување на добрососедските односи и помирувања, кажа Исаки.

Генералниот застапник на Централноевропската иницијатива, Ивана Холоубкова, исто така ја нагласи важноста на регионалната соработка во време на соочување со големи проблеми во регионот, како што се пандемијата, војната во Украина, мигрантската криза итн. 

Треба да знаете
Последни објави