Ракометната федерација на Македонија (РФМ) попладнево го објави распоредот за натпреварите од претстојното 8. коло во машката Суперлига во кое нема измени во програмата во која за в недела во Битола е закажано големото дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961.
Раководството на Вардар 1961 вчера побара од РФМ одложувањето на дуелот во Битола поради неповолна здравствена состојба во тимот, нведувајќи дека повеќе играчи и членови на стручниот штаб се болни од тешка вироза.
„Заклучно со последниот тренинг на екипата, имаме 15-тина играчи и членови на Стручен штаб кои се зафатени од тешка вироза и не се во можност ниту да тренираат, ниту да играат натпревар“, соопшти во четвртокот Вардар 1961.
Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер во денешната реакција посочи дека не прифаќа одложување на натпреварот кој е закажан за в недела од 18 часот во салата „Боро Чурлевски“.
„Согласно пропозициите за натпревари во Суперлигата, постојат услови за одигрување на натпреварот Еурофарм Пелистер – Вардар 1961 и ние, како и секогаш, максимално ќе се придржуваме кон пропозициите“, се наведува во клупското соопштение на битолскиот шампион.
По воведните седум кола, Вардар 1961 е првопласиран на табелата во групата Б со максимален ефект, пред Еурофарм Пелистер, кој има ефект од шест победи и еден пораз.