ако земја која ја има имплементирано Спогодбата за стабилизација и асоцијација речиси 20 години, Северна Македонија континуирано го усогласува националното законодавство со европското и работиме на зајакнувањето на административните капацитети и развојот на ИТ системите, како дел од процесот за дигитализација на услугите, истакна денеска во Брисел, заменик главниот преговарач на земјава со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили, истакна дека
– Некои од последните активности го вклучуваат и донесувањето на новиот Закон за органски буџет, што е дел од реформата во јавните финансии. Исто така, фискалниот совет е веќе формиран од Собранието во септември 2023 година, нагласи меѓу другото Абдиу-Халили во воведно обраќање пред експертите на Европската комисија во рамки на билатералниот скрининг за Поглавјето 33 – „Финансиски и буџетски одредби“, кое е дел од Кластерот 5 – „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Поглавјето 33 се однесува на способноста и административниот капацитет на државата да придонесеме во заедничкиот буџет на ЕУ, кога ќе стане полноправна членка на Унијата. Некои од прашањата кои се разгледуваат во рамките на ова Поглавје, веќе се обработени на билатералните скрининзи за поглавјата 16 и 29 – „Даноци“ и „Царина“.
Во состав на делегацијата што учествува на скринингот по Поглавјето 33, се претставници на министерствата за финансии и за животна средина и просторно планирање, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Државниот завод за статистика, како и на Секретаријатот за Европски прашања.
Следните билатерални скрининг состаноци со Европската комисија се однесуваат за Поглавје 13 – „Рибарство“ и се предвидени за 26 и 27 октомври во Брисел.