Точно пред две недели стоејќи пред Владата предупредивме дека Државна лотарија ја спинува јавноста пласирајќи неточни информации во своја корист.
Нашите ставови ги потврди и истражувањето на Радио Слободна Европа која е независна медиумска компанија, која добива грант од американскиот Конгрес и е должна според американскиот закон, да обезбеди објективно и професионално новинарство, засновано врз факти.
Истражувањето на Радио Слободна Европа докажа дека дел од тендерите на Државна лотарија ги добиваат компании блиски на владеачката гарнитура, што дополнително ги потврди нашите тврдења дека владината одлука за отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа е незаконска и дискриминирачка, а повикот на Државна лотарија е веќе договорен за странски компании.
Ние ја предупредивме јавноста дека зад информациите кои ги пласира Државна лотарија стојат владини интереси, како и дека тенденциозно се објави информацијата дека повеќе од 10 домашни компании подигнале документација за наместениот тендер за избор на правни лица заради доделување договор за заедничко вложување во интернет игрите на среќа во коишто доминантно учество со 51 % ќе има Државна лотарија, и истакнавме дека ниту една членка на АСОМ нема да учествува на незаконскиот тендер.
Анализата откри уште една манипулација на јавноста од страна на Државна лотарија која во соопштение испратено до сите медиуми се фалеше дека бележи раст во работата, што истражувањето докажа дека е неточно и уште еднаш ја доведе во прашање релевантноста на информациите кои Државна лотарија ги објавува.
Податоците кои ги видовме во истражувањето на РСЕ се уште една силна причина зошто ниту една членка на АСОМ и ниту една домашна компанија нема да се јави на незаконскиот тендер за избор на приредувачи на игри на среќа преку интернет. Јасно се гледа дека и тој тендер е однапред договорен за 3 компании, како и сите други тендери на Државна лотарија.
Ова повторно ја потврди нашата теза дека новиот предлог Законот за игри на среќа се турка во Собрание за да се направи обид да се озакони незаконскиот тендер, посебно во услови кога излегуваат на виделина низа скандали во Државна Лотарија.
Повеќе од јасно е дека со донесување на новиот предлог Закон за игри на среќа и со незаконската Владина одлука за основање на три нови друштва за приредување на интернет игри на среќа крајна цел е преземање на Владата на бизнисот со игри на среќа, а не заштита на малолетниците како што тоа се сервира во јавноста.
Токму затоа остануваме на нашиот став и без исклучок бараме:
– Пратениците да го отфрлат новиот предлог Закон за игри на среќа кој ќе значи крај на легалната индустрија на игри на среќа.
-Да се поништи незаконската владина одлука која претставува сериозна закана за домашните лиценцирани приредувачи на игри на среќа.
-Итно да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата.
-Да се донесат подзаконските акти кои цела деценија се држат во фиока за домашните компании согласно актуелниот закон да може да приредуваат игри на среќа и реално да се либерализира пазарот.
Ние и нашите вработени нема да стоиме и да гледаме како Владата врши упад во бизнисот со игрите на среќа свесно ставајќи клуч на врата на една легална индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра и вработува над 10.000 лица.
Доколку Владата продолжи да го турка овој штетен закон насила и остане индиферентна на нашите апели подготвени сме да излеземе на масовни протести.