Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска пристигна во Вашингтон, каде заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ќе учествува на претстојниот самит ЕУ-САД.
„Пристигнав во Вашингтон за да учествувам на денешниот самит ЕУ-САД. Посветени сме на зајакнување на нашето партнерство во годините што доаѓаат. Заедно сакаме да работиме за побезбеден и постабилен свет, за мирна и просперитетна иднина за сите“, напиша Борел на својот профил на мрежата Икс.
Фон дер Лајен и Мишел вчера пристигнаа во Вашингтон, а се сретнаа со двопартиската делегација на американскиот Сенат.
„Добра средба со Шарл Мишел и двопартиската делегација на американскиот Сенат. Трансатлантското пријателство е силно! И попотребно од кога било во турбулентни времиња“, напиша Фон дер Лајен на мрежата Икс.
Таа нагласи дека ЕУ стои до Украина во конфликтот со Русија, како и покрај Израел во конфликтот со палестинската милитантна група Хамас.
„Ние се залагаме за мир и просперитет. Поддршка на Украина во нејзината борба за слобода. Ние стоиме со Израел и решението на хуманитарните потреби во регионот“, напиша таа.
Мишел истакна дека претставници на ЕУ ќе се сретнат и со американскиот претседател Џо Бајден.
„Во Вашингтон сме на самитот ЕУ-САД и средбата со претседателот Бајден. ЕУ и САД споделуваат силна врска“, напиша Мишел.
Тој повторно нагласи дека ЕУ го осудува нападот на Хамас врз Израел, како и дека „Израел има право да се брани“.
„На Блискиот Исток ги осудуваме терористичките напади на Хамас врз народот на Израел. Израел има право да се брани, во согласност со меѓународното право. Меѓународното право мора да се почитува. Во Украина. На Блискиот Исток. Насекаде. Поредокот заснован на мир и правила е нашиот светилник“, рече тој.