Косовската претседателка Вјоса Османи го примила синоќа на редовна средба амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер, со кого разговарала за последните случувања во земјата, со фокус на безбедносните прашања, но и други теми од заеднички интерес, соопшти кабинетот на Османи.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во пресрет на дебатата за Косово во Советот за безбедност на Обединетите нации, Османи и Ховениер разговарале и за очекувањата од оваа дебата.
На средбата присуствувала и новоименуваната директорка на УСАИД за Косово, Ајлин Девит, на која косовската претседателка Османи ѝ честитала за новата функција.
– Таа (Османи) изрази длабока благодарност за поддршката на УСАИД и го потврди значењето на проектите поддржани од УСАИД, кои придонесуваат за подобрување на животот и благосостојбата на граѓаните. Претседателката Османи ја потврди подготвеноста за продолжување на одличната соработка, како и досега, нагласувајќи ги можностите за сé поголемо ширење на таа соработка, се наведува во соопштението.