Медиумите се една од причините зошто младите имаат негативна перцепција за Европската Унија. Потребно е задолжително образование во основните и средните училишта за евроинтеграциите, а значајно е и да се создадат механизми за вклучување на младите во процесите на донесување на одлуки, порача денеска Недељка Ивошевиќ, членка на Бирото на Советодавниот одбор за млади при Советот на Европа.
Таа во своето обраќање на Конференцијата за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан, што Законодавниот дом на Северна Македонија ја организира заедно со ПССЕ, рече дека генерално постои недостаток на систематско образование за ЕУ и нејзините вредности.
-Медиумите имаат суштинска улога во пренесување на информациите за евроинтеграциите и се една од причините зошто младите имаат негативна перспектива за Европската Унија. Поголем дел од информациите на медиумите се поврзани со националниот контекст, а не со самата ЕУ. Не постојат доволно информации за тоа кои се придобивките да се стане членка на ЕУ, подвлече Ивошевиќ.
Таа додаде дека е позитивно што постојат различни програми од невладини организации за информирање во врска со значењето на евроинтеграциите, но како што посочи, тоа не е доволно систематски воспоставено.
-Најпрвин, мора да работиме на едуцирање и информирање на младите за тоа што претставува ЕУ и кои се придобивките, бидејќи поголемиот дел од младите имаат перцепција дека ЕУ нема да го подобри квалитетот на нивниот живот. Тие сметаат дека ЕУ не значи гаранција за стабилност во регионот. Потребно е задолжително граѓанско образование во основните и средните училишта, а значајно е и да се создадат механизми за вклучување на младите во процесите на донесување на одлуки, додаде Ивошевиќ.
Како што подвлече, младите не им веруваат на политичарите, не им веруваат на институциите и сметаат дека немаат капацитет да создадат позитивни промени во нивната заедница.
Уредникот на „Еуроњус Вју“, Александар Брезар во своето обраќање денеска во Собранието зборувајќи за медиумите, посочи дека медиумите на Балканот, а особено на Западен Балкан секогаш се справуваат со комплицирани прашања кога се работи за покривање на темите поврзани со еврооинтеграциите.
-Медиумите на Балканот, а особено на Западен Балкан секогаш се справуваат со комплицирани прашања кога се работи за покривање на темите поврзани со еврооинтеграциите. Ова го зборувам врз основа на фактот дека не се покриваат доволно информациите поврзани со евроинтеграции, ниту пак им се посветува доволно внимание. Новинарите немаат доволно време да се подготват за покривање на овие теми и лесно да стапат во контакт со потребните извори, рече Брезар.
Тој смета дека токму ова ги отвора вратите на лажните вести и на погрешни информации. Посочи дека на Западен Балкан недостасува намерата да се споделат вистинските информации со јавноста.
Зборувајќи за евроинтеграцијата во нашата земја, Питер Хурелбринк, директор на Фондацијата Фридрих-Еберт за Северна Македонија и Косово на конференцијата во своето обраќање денеска порача дека кај нас се поларизира атмосферата, бидејќи јавноста се прашува дали овој процес некогаш ќе се заврши, дали ќе завршат сите неумесни барања и условувања.
-Европа се соочуваше со земји кои не сакаа да се реформираат. Интересно е тоа што Северна Македонија сакаше да се реформира и ги имплементираше сите побарани промени. Ја им честитам на сите земји од Западен Балкан. Во Косово пак, постои мислење дека кредибилноста на ЕУ разочарува, а либерализацијата на визниот режим е нешто што не се решава, поради односот меѓу Косово и Србија. Според нив, ЕУ нема објективен пристап во овој дијалог, додаде Хурелбринк.
Ерјон Тасе, извршен директор на Академија за политички студии во Тирана рече дека процесот на ЕУ интеграцијата треба подобро да се објасни од страна на политичарите и од граѓанското општество.
-Се повеќе луѓе сметаат дека не можеме лесно да станеме членка на ЕУ, дека ова е само нереалистична желба. Она што треба да го сториме е да сфатиме дека процесот на интеграција треба подобро да се објасни од страна од политичарите и од граѓанското општество. Треба да се објасни дека ЕУ интеграција не значи само брзо да стасаме до целта, туку важен е и самиот процес, односно подобрување на човековите права, демократијата и економскиот развој. Политичарите мора да се обединат и да работат заедно, особено кога станува збор интеграцијата и за воведување на реформи во државите, додаде Тасе.