Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги повика бунтовничките, паравоени Сили за брза поддршка (РСФ) во Судан да престанат со гранатирање на цивилни цели.
РСФ неодамна ги засили нападите врз областите контролирани од суданската армија во Омдурман, користејќи артилерија и предизвикувајќи смрт на голем број цивили. РСФ и понатаму ги напаѓа воените бази о Нијала, западен Дарфур во обид да го заземе градот.
САД го повторија апелот до РСФ и Суданските вооружени сили (САФ) веднаш да престанат со борбите и да ги продолжат преговорите за ставање крај на конфликтот. Исто така ги потсетија двете страни во конфликтот на нивните обврски од Декларацијата од Џеда од 11 мај, според која тие се обврзани да ги штитат цивилите и да дозволат непречен хуманитарен пристап.
Конфликтот во Судан избувна во средината на април по неколкумесечна тензија меѓу генералот Абдел Фатах Бурхан и неговиот ривал генерал Мохамед Хамдан Дагало, командант на РСФ. Според процените на Обединетите нации, најмалку 4.000 луѓе се убиени од почетокот на конфликтот, но активистите и лекарите на терен претпоставуваат дека бројот е значително поголем.
Повеќе од 4,4 милиони луѓе ја напуштиле земјата или се внатрешно раселени.