Бритни Спирс за првпат со свои зборови раскажа како нејзиниот татко алкохоличар и долгогодишен старател ја заплашувал уште од детството.
Како што открива „Сан“, поп-ѕвездата (41) ги користи првите страници од претстојна автобиографија The Woman In Me за да го разоткрие Џејми Спирс, обвинувајќи го дека бил злобен, апатичен и ладен кога растела.
Таа вели дека Џејми продолжил да ја омаловажува до нејзините 30-ти, честопати нарекувајќи ја дебела и наредувајќи ѝ да работи против нејзината волја додека била под негово старателство 13 години. Спорното старателство со целосна контрола врз нејзиниот приватен живот и финансии заврши во ноември 2021 година.
Поп-ѕвездата открива дека Џејми (71) редовно се опивал во деновите пред нејзината слава, толку многу што била преплашена да влезе во автомобил со него кога растела во Кентвуд, Луизијана. Во извадок од книгата, која излегува на 24 октомври, Бритни пишува: „Тато пиеше толку многу што не можеше да размислува. Ќе го снемаше од дома со денови. А кога беше пијан, стануваше навистина злобен.“
Бритни нагласува дека потребата на нејзиниот татко за пиење предизвикала пропаѓање на неговите бизниси и банкрот, што само ги влошило проблемите дома.
„Стресот поради беспарицата го засили хаосот предизвикан од екстремните промени во расположението на татко ми. Особено се плашев да влезам во кола со него бидејќи тој зборуваше сам со себе додека возеше. Не ни разбирав што велеше. Се чинеше како да е во свој свет,“ пишува таа.
„Во тоа време немав поим зошто беше толку тежок со нас и зошто ништо што правевме не изгледаше доволно добро во неговите очи. Најтажно за мене беше тоа што секогаш сакав татко кој ќе ме сака токму таква каква што сум јас, некој што би рекол: те сакам, точка. Ти можеш сè. Ќе те сакам засекогаш, безусловно.“
Настап на Бритни во рамки на турнејата Baby One More Time (1999).