Курти: Од витално значење за Косово и регионот е тие што не занеле која е Србија тоа да го дознаат сега

 Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека утре ќе се дознае што ќе бара и што ќе понуди европско-американската делегација, предводена од специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, која ќе ја посети Приштина, а потоа и Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на новинарите за време на поставувањето камен-темелник за градинка во општина Штимље, Курти нагласи дека услов за нормализирање на односите со Србија е стабилизацијата на безбедносната состојба во земјата.

– Што ќе бараат и што ќе понудат ќе дознаеме утре. Можам да кажам дека не можеме да имаме нормализација без безбедност. Безбедноста на Косово треба да биде приоритет за државните институции, народот и општеството. За ова работиме ден и ноќ со сé што можеме и знаеме, рече Курти.

Но, според него, од витално значење за Косово, демократијата и регионот е сега да разберат која е Србија оние кои тоа не го знаеле досега.

– Од витално значење за Косово, за демократијата, но би рекол и за балканскиот регион воопшто, е дека оние кои не знаеле или не разбрале која е Србија и официјален Белград, конечно да го направат тоа, затоа што не е Косово тоа кое треба да има казнени мерки, туку Србија е таа кон која треба да се воведат санкции, рече Курти.

Зборувајќи за процесот на косовско-српскиот дијалог, Курти рече дека во Брисел е постигнат договор, кој „повторно поради Србија не е спроведен“.

– Што се однесува до дијалогот во Брисел, ние имаме договор од таму, но тој, повторно поради Србија, не е спроведен. Секогаш сме биле конструктивни, посветени, креативни и нема апсолутно никаква вина или одговорност на наша страна за тоа што Косово и Србија немаат нормални односи. Основниот договор од Брисел од 27 февруари се заснова на де-факто меѓусебно признавање и што поскоро се имплементира, ќе имаме не само демократска и европска нормализација, туку и безбедност за нашата земја и за регионот, порача Курти.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, придружуван од високи советници на лидерите на Германија, Франција, Италија и Соединетите Американски Држави, в сабота, 21 октомври, ќе престојува во Косово и Србија, каде што ќе се сретне со косовскиот премиер, Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Покрај Лајчак, делегацијата ја сочинуваат уште Емануел Боне, советник за безбедност и надворешна политика на францускиот претседател Емануел Макрон, Јенс Плотнер, советник на германскиот канцелар Олаф Шолц и Франческо Таљо, советник на италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и специјалниот пратеник американскиот претседател Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Треба да знаете
Последни објави