Либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб денеска побара од Израел да прогласи 48-часовен прекин на огнот.
„Ајде да повикаме на прекин на огнот и да видиме што ќе се случи“, рече министерот, објави Си-Ен-Ен.
Хабиб за американската телевизија изјави дека неговата земја е многу загрижена дека војната може да се прошири во регионот.
„Ние навистина не сакаме војна. Владата не сака војна. Разговараме со различни организации. Но, тоа не е под контрола бидејќи се зависи од тоа што се случува во Газа“, рече либанскиот министер.
Претходно денеска, портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) потполковник Питер Лернер изјави за Си-Ен-Ен дека „Владата на Либан е одговорна за сè што се случува на нивната суверена територија“.
„Тие имаат одговорност да обезбедат терористите како Хезболах, терористичката армија, да не вршат напади врз Израел“, нагласи портпаролот на израелската армија.
Како одговор на оваа изјава, либанскиот министер за надворешни работи Хабиб рече дека Израел „ја влошува ситуацијата со своите приказни“.
Тој нагласи дека во тој регион „луѓето се поврзани едни со други, политички, па дури и крвно“ и дека владата „не може да ги спречи да се одмаздат ако ситуацијата во Газа навистина биде полоша отколку што е сега“.
Тие (Хезболах) не сакаат војна“. Но, мислам, не можете да ги контролирате. Сè зависи, повторно, од она што се случува во Газа, од инвазијата на Израел на Газа“, додаде либанскиот министер.