ЕУ ги засилува мерките против ширењето илегални содржини и говор на омраза на интернет 

Европската комисија подготви пакет препораки за земјите членки на ЕУ за да им помогне во координирање на нивниот одговор на ширењето на незаконски и терористички содржини или говор на омраза во дигиталниот простор, пред оваа појава да прерасне во сериозна закана за јавната безбедност.  

Целта на препораките, како што јави дописникот на МИА од Брисел, е земјите членки да дадат свој придонес во напорите на Еврокомисијата за целосно усогласување на „многу големите онлајн платформи“ со нивните нови обврски од Законот за дигитални услуги (ДСА). 

Комисијата смета дека во контекст на „невидениот период на конфликт и нестабилност што влијаат врз Европската Унија, прво со руската агресивна војна против Украина, а сега и со терористичките напади на Хамас врз Израел“, земјите членки мора да ги здружат силите за да се овозможи брзо спроведување на Законот за дигитални услуги. 

Овој Закон воспоставува збир на правила чија цел е да овозможи безбедно, предвидливо и доверливо онлајн опкружување во ЕУ, базирано на почитување на основните права, особено на слободата на изразување и информирање.  

Со ДСА, што стапи во сила во август годинава, социјални мрежи Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, Икс (поранешен Твитер), Јутјуб, Снепчет, Линкедин и Пинтерест, потоа Амазон, Букинг, АлиЕкспрес, Заландо, Гугл Шопинг, Гугл Срч, Гугл Мапс, Бинг, Википедија, како и на онлајн продавниците за апликации на Гугл и Епл, кои добија ознаки на „многу големи онлајн платформи“, мораат да воведат мерки за ублажување на специфичните системски ризици што ги носат нивните системи, вклучувајќи ги ризиците што произлегуваат од ширење на илегални содржини. 

Во контекст на подготвените препораки, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека тие ќе помогнат за координирање одговорите на ЕУ и земјите членки на илегалните содржини и дезинформациите и за заштита европското општество. 

– Терористичкиот напад на Хамас, резултираше со онлајн напади со грозоморни и илегални содржини што промовираат омраза и терор, посочи Фон дер Лајен. 

Сепак, според неа, со Закон за дигитални услуги, ЕУ има силни правила за заштита на корисниците, вклучително и ранливите групи на населението, од заплашување, како и за обезбедување на основни слободи на интернет.  

– Големите платформи подлежат на нови обврски за ублажување на таквите ризици од нивните услуги, додаде Фон дер Лајен. 

Треба да знаете
Последни објави