„Ролинг стоунс“ го претстави својот нов албум во Њујорк

Музика со врвен квалитет и одлична атмосфера завладеа синоќа во ноќниот клуб „Рекет Њујорк Сити“, каде што членовите на „Ролинг стоунс“ одржаа приватна забава по повод издавањето на својот прв албум по 18 години.

„Стоунси“, во својата седма деценија како рокенрол-бенд, изведоа неколку песни пред стотици луѓе во клубот на Вест Сајд, Менхетен, за да го одбележат објавувањето на Hackney Diamonds, кој на бендот му донесе некои од најдобрите рецензии во последните децении.

Фронтменот Мик Џегер (80) се пошегува дека дел од мотивацијата да се вратат во студио и да снимат нов албум – чиј наслов е референција на британски сленг за скршено стакло – е и одржувањето вакви презентации во Њујорк.

„Толку многу ни недостигаа претставувањата, што моравме да се вратиме назад и да направиме уште еден албум“, им рече Џегер на гостите среде настанот на кој наизменично се слушаа нови и добро познати песни, вклучувајќи ги Jumpin’ Jack Flash и Tumblin’ Dice.

Шлаг на тортата на настанот во четвртокот вечерта беше заедничкиот настап со Лејди Гага.

„Стоунс“ го заврши настапот со Sweet Sounds of Heaven на Лејди Гага, бавна песна со примеси на блуз, од новиот албум. Оваа нумера потсетува на класикот на бендот од 70-тите, Moonlight Mile.

Гага и Џегер меѓусебно се имитираа во танцување додека пееја.

Hackney Diamonds е првиот студиски албум на бендот со оригинален материјал по Bigger Bang од 2005 година и прва снимка по смртта на долгогодишниот тапанар Чарли Вотс, кој почина во 2021 година.

Преживеаните „стоунси“ се фронтменот Џегер и гитаристите Кит Ричардс (79) и Рон Вуд (76), кој е во бендот речиси 50 години.

Покрај Гага, на новиот албум гостуваат Стиви Вондер, Пол Макартни и Елтон Џон, а долгогодишниот басист Бил Вајман, кој го напушти бендот во 90-тите, се враќа за песната Live by the Sword.

Треба да знаете
Последни објави