„Ако гледаме генерално или ако говориме генерално, ако немало предизвици и ако не сме подготвени да се нафаќаме на предизвици, нема да се занимаваме сигурно со политика. Тоа е и во сите други сегменти на општественото живеење. Секој еден човек, пред сѐ секој еден политичар, секој еден одговорен човек мора да има одговорност и да даде максимален придонес за државата, за заедницата, за развојот на заедницата, па ако сакате и на светот”, рече министерот Спасовски во завршницата на интервјуто за „Гласот на Америка”, запрашан дали е подготвен за предизвик, со оглед на тоа што неговото име сѐ почесто се става во контекст на кандидатура за претседател на државата. Притоа, тој додаде дека засега е сосема ирелевантно чие име се споменува, бидејќи сето тоа е сѐ уште во просторот на шпекулациите.
Во контекст на одговорноста, пак, тој се надоврза: „Ние како генерација се соочуваме со многу предизвици од кои некои ни ги пренесоа минатите генерации. Затоа е важно секој еден одговорен човек да има одговорност и да даде максимален придонес за државата. Ние да бидеме мудри, да бидеме инвентивни, да бидеме визионери, да бидеме храбри, да не им оставаме сериозни проблеми на идните генерации, туку да создадеме еден добар, трасиран пат кој што ќе создаде можност за сериозна надградба на економскиот просперитет на државата. Тука, пред сѐ, мислам на нашите млади луѓе, бидејќи младите се иднината на секое општество, па така и за македонското општество”. Спасовски изрази увереност дека вклучувањето на младите луѓе во изнаоѓањето на решенија за многу општествени проблеми ќе ги даде вистинските одговори.
„Денеска честопати се прашуваме дали сме на вистинскиот пат, дали политиките ни се исправни, дали преку тие политики ќе овозможиме што е можно повеќе млади луѓе да ја гледаат перспективата во државата. Меѓутоа, ако сакаме тоа да го постигнеме тоа треба да го направиме преку вклучувањето на младите во самите политики”, порача Спасовски, додавајќи дека непотребното трошење време на шпекулации само можат да придонесат за дефокусирање и оддалечување од крајната цел.