За пет дена во Франција имало повеќе од 70 лажни закани за бомби, од кои повеќето биле насочени кон аеродроми, а речиси сите биле испратени од истата електронска пошта од Швајцарија, изјави денеска францускиот министер за транспорт Клеман Бон.
Тој рече дека од средата речиси секогаш се користи истата електронска адреса, која се наоѓа надвор од ЕУ, во Швајцарија, оценувајќи дека тоа најверојатно се должи на избегнувањето на одредени санкции на Унијата. Бон истакна дека досега се покренати повеќе од 60 истраги во врска со лажни закани за бомби.
„Големи идиоти, дури и големи деликвенти“, рече Бон, мислејќи на авторите на повеќекратните лажни закани со бомби, пренесе „Фигаро“. Бон истакна дека, за среќа, имало многу помалку лажни тревоги во саботата, првиот ден од одморот за многу Французи. Министерот рече дека некои од тие луѓе кои испраќаат лажни закани прават лоши шеги, а други навистина сакаат да ги исплашат луѓето и дека понекогаш има некаква конкуренција во, како што наведе, „глупост меѓу хакерите“.
„Секој има одговорност, вклучително и платформите и социјалните мрежи, да не поддржуваат ваков тип на напади и што е можно поскоро да соработуваат со француската цивилна авијација и нашето правосудство“, рече Бон.
Според него, правењето лажна тревога е крајно опасно бидејќи со тоа се мобилизираат безбедносните сили неколку часа, a се принудуваат и луѓето да се евакуираат, што во некои случаи доведува до собирање на луѓе надвор, што е исто така безбедносен проблем.
Покрај аеродромите, мета на лажни дојави за бомби се и одредени јавни институции. Версајската палата денеска беше привремено евакуирана по седми пат во последните осум дена. Еден осомничен бил уапсен во петокот поради телефонска тревога поврзана со палатата во Версај, додека други биле објавени на владина веб-страница, според полициски извори. Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво откако напаѓачот го уби учителот Доминик Бернард во средно училиште во Арас на 13 октомври во напад со нож и тешко рани тројца други.