Илјадници луѓе денеска се собраа во Берлин и Лондон за да се спротивстават на антисемитизмот и да го поддржат Израел, додека демонстрациите за поддршка на Палестинците во опколената Газа продолжија ширум светот, објави АП.
Некои од оние што се собраа пред берлинската Бранденбуршка порта носеа израелски знамиња или постери со фотографии на некои од повеќе од 200 луѓе кои Хамас ги зароби како заложници за време на смртоносниот упад на милитантите во Израел на 7 октомври.
„Неподносливо е денес Евреите повторно да живеат во страв“, рече претседателот Франк-Валтер Штајнмаер пред толпата. „Секој напад врз Евреите, врз еврејските институции е срам за Германија. Секој напад ме исполнува со срам и гнев“.
Претходно, германскиот канцелар Олаф Шолц отвори нова синагога во источниот град Десау и рече дека е „огорчен“ од порастот на антисемитизмот од почетокот на конфликтот.
„Мораме да застанеме заедно против тоа. Ние мора да се залагаме за живот. Мора да ги донесеме заложниците дома“, рече тој.
Стотици луѓе се собраа пред канцелариите на Обединетите нации во Женева за да побараат ослободување на заложниците. Мавтајќи со претежно израелски, но и швајцарски и германски знамиња, демонстрантите држеа табли на кои пишуваше „Децата не се пазарат“ или маици со зборовите #SetThemFree.
На друго место во Швајцарија, околу 4.500 пропалестински демонстранти маршираа во градот Лозана, соопшти полицијата.
Војната ги зголеми тензиите ширум светот, оставајќи ги еврејските и муслиманските заедници да се чувствуваат ранливи. Метрополитенската полиција на Лондон соопшти дека забележала 13-кратен пораст на извештаите за антисемитски престапи во октомври во споредба со минатата година. Извештаите за злосторства против муслиманите се повеќе од двојно зголемени.
Собирите во неделата дојдоа еден ден откако десетици илјади пропалестински демонстранти – 100.000 според проценките на полицијата – маршираа низ британската престолнина барајќи Израел да престане со бомбардирањето на Газа, како одговор на бруталниот упад на Хамас.