Тексас има нафта и гас колку и Саудиска Арабија. Со таа визија, Скот Шефилд, извршниот директор на Пионер, водечката американска компанија за експлоатација на нафта од нафтени шкрилци, на 11 октомври ја прифати ненадејната понуда на Ексон Мобајл да ја продаде компанијата за 60 милијарди долари на мегапетро компанијата.
Оваа интеграција, инаку најголема во САД од 1999 година (кога Ексон се согласи да се спои со Mobile Oil за 75 милијарди долари), доаѓа откако Саудиска Арабија и Русија – две клучни членки на ОПЕК плус самостојно, а во договор со останатите членки, спроведуваат значително намалување на своето производство до Нова година (минус 1,3 милиони барели дневно), со најави дека курсот ќе продолжи и во текот на 2024 година.
Саудиска Арабија и Русија, два од трите водечки светски производители на нафта упорно го намалуваат сопственото производство по короната, што, меѓу другото, им дава одредена контрола врз светските акции. Ова е клучна тактика во одредувањето на цената на барелот и континуираното подгревање на тензијата на берзите. Истовремено, асоцијацијатата на 23 земји извознички на нафта. ОПЕК плус, контролира околу 40 отсто од светскиот пазар на нафта.
Тандемот Ексон Мобајл и Пионер заедно ќе произведуваат 1,3 милиони барели нафта дневно почнувајќи од следната пролет – доколку државните регулатори во САД во меѓувреме ја одобрат оваа интеграција. Тој износ е само нешто помалку од бурињата произведени од Соединетите Арапски Емирати, а повеќе од она што го произведува Кувајт.
Ексон Мобајл со приклучувањето кон Пионер се чини дека отвори ново поглавје во развојот на фрагментираната американска нафтена индустрија, а во исто време поттикна неизвесна фаза на понатамошни односи меѓу американските петроактори и тимот на ОПЕК плус.
Дали американските ривали на Ексон, почнувајќи од Шеврон и Коноко Филипс – и покрај најавите дека ќе ги намалат инвестициите во експлоатацијата на фосилни горива, сега ќе влезат во нови деловни аранжмани со производителите на нафта од нафтени шкрилци во САД останува да се види. Од друга страна, останува да се види и кој е следниот чекор на ОПЕК плус доколку американските производители на нафта – големи, средни и мали, се здружат и почнат да нудат буриња додека тие намерно го згаснуваат призводството.
Специфичен е и тајмингот на најава за големиот влез на новото дуо на американската и светската петро сцена. Имено, еден ден подоцна, на 12 октомври, американското Министерство за енергетика објави дека производството на сурова нафта во Америка достигна историски рекорд од 13,2 милиони барели нафта дневно. Во исто време, извозот на нафта од САД во првата половина на 2023 година изнесува 3,99 милиони барели дневно, што е исто така рекорд (20 отсто повеќе од минатата година во истиот период). Нафтата е на пат да стане најголемата извозна ставка во Америка, а со одлуката за ублажување на санкциите кон Венецуела (членка на ОПЕК со најголеми докажани светски резерви на нафта), Вашингтон покажа дека светскиот пазар на нафта реагира на секој потег на водечкиот светски производител на нафта.