Малите и средните компании се очекува најмногу да профитираат од почетокот на отворање на поглавајата за влез во Европската Унија (ЕУ), велат познавачите на приликите.
Според информациите кои ги имаме од претставници на ЕУ, кои работат на програмата за одржлив развој и циркуларна економија, Македонија и Албанија, веднаш по отворањата на поглавјата ќе може да почнат да користат средства за овие два сегменти.
Поставувајќи ги патоказите за новите правила за изработка на извештаи за одржливост, ЕУ ги постави и темелите на новите политики кои се обврска и за компаниите од ЕУ, но и за компаниите кои се надвор од ЕУ.
Од 2027 година, компаниите кои не се во ЕУ, а сакаат да извезуваат таму, ќе мора да изготвуваат извештаи за одржливост од голем број критериуми и истите да бидат верификувани од страна на надворешни верификатори.
Бидејќи македонските компании, посебно малите и средни не се подготвени во моментов, ЕУ ќе одвои посебен фонд, кој може да биде и во вредност од половина македонски буџет. Како што бевме информирани, ова веќе е на големо разгледувано од ЕУ.
ЕУ работи и на механизам да нема застој во користењето на овие средства без разлика во која фаза се наоѓаат преговорите и колку поглавја се отворени и затворени. Неофицијално, во моментов се работи на методологијата како овие средства да ги добијат македонските компании.
Денес, големите македонски компании, дел имаат, дел ќе набават вакви сертификати и ќе продолжат да тргуваат. Но, штетата на малите и средни компании, за кои овие сертификати ќе бидат прескапи доколку не се започне со отворање на поглавјата, ќе биде огромна.
А, малите компании ќе можат да користат средства за обука на кадар, воведување нови системи за циркуларна економија, од производ преку отпад пак до производ. Ќе има пари за рециклирањето и преработката на отпад, кој го работат најчесто мали и микро компании. Тоа се компаниите кои мелат пластика и ја претвораат во гранулати, па оние кои гранулатите ги претвараат во производ. Тука се текстилните преработувачки капацитети кои од стара облека ќе имаат можност да добијат пари за да набават машини за рециклирање на текстилен отпад и од истиот пак да се прави облека.
Во моментов, некаде околу 40% од европските брендови користат рециклирани материјали, а според насоките на ОН и желбата на ЕУ овој процент би требало да биде приближно 100 до 2050 година.
Игор Мицкоски