Во Собранието на Република Северна Македонија денеска беше доделена државната награда „23 Октомври“, за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес.
![](https://new.mia.mk/articles/images/%D0%B4%D0%BE%D0%B4%D0%B5%D0%BB%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D0%B4%D1%80%D0%B6%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%B3%D1%80%D0%B0%D0%B4%D0%B023%D0%BE%D0%BA%D1%82%D0%BE%D0%BC%D0%B2%D1%80%D0%B8/UNBbJqDFx/large.webp?use_watermark=0)
За остварување во областа на науката и образованието, наградата им беше врачена на тимот за трансплантација на црн дроб, проф. д-р Зоран Караџов, проф. д-р Светозар Антовиќ, доц. д-р Бети Тодоровска, прим. д-р Татјана Спировска и проф. д-р Маја Мојсова Мијовска и универзитетскиот професор Африм Османи.
За остварување во областа на културата и уметноста, наградата ја добија визуелниот уметник, проф. м-р Роберт Јанкулоски и писателот Блаже Миневски.
-Овој празник ги обединува генерациите кои се бореа и изборија за нашата слобода и за слободата на нашите идни поколенија. И после 130 години, 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба останува траен потсетник на вековните настојувања на Македонецот за сопствена држава во која секој човек без разлика на националната припадност ќе може слободно и достоинствено да ги гради и покаже своите творечки и професионални квалитети, изјави Мими Ѓоргорска Илиевска, претседателка на Одборот за доделување на државната награда.