Продлабочувањето на нееднаквоста во одредени земји веќе покрена барања најбогатите граѓани да плаќаат повеќе даноци, со оглед на притисокот врз јавните финансии во услови на стареење на населението, климатската транзиција и пандемичните долгови.
Владите треба да отворат нов фронт во борбата против даночното затајување со воведување глобален минимален данок за најбогатите, кој би собирал 250 милијарди долари годишно, пресмета Европската даночна опсерваторија.
Тоа е само два отсто од речиси 13 трилиони долари имот на 2.700 милијардери ширум светот, покажа истражувачката група на Париската школа за економија во извештајот објавен денес.
Милијардерите де факто во многу земји плаќаат даноци по многу пониски стапки од даночните обврзници со скромни средства, бидејќи тие можат да го „паркираат“ богатството во фиктивни компании кои ги штитат од даночни обврски, според групата во Глобалниот извештај за даночно затајување.
„Ние веруваме дека е тешко да се оправда оваа „даночна дупка“ бидејќи ја поткопува одржливоста на даночните системи и социјалната прифатливост на оданочувањето“, рече директорот на Опсерваторијата Габриел Зукман.
Се проценува дека милијардерите во САД плаќаат данок на богатство со стапка од близу 0,5 отсто, а во Франција, земја со генерално високи даноци, речиси се ослободени од оваа обврска, забележува институтот.
Предлогот на американскиот буџет за 2024 година предвидуваше минимален данок за најбогатите од 25 отсто, но падна во втор план поради спорот во Конгресот за блокадата на буџетските трошоци и лимитот за задолжување.
Координирана меѓународна иницијатива за оданочување на милијардерите може да донесе резултати само за неколку години, признава институтот, но потсетува на успешната борба против банкарската тајна и корпоративната практика на префрлање на профитот во земји со пониски даночни стапки. Автоматската размена на податоци за сметките ги намали износите во даночните раеви за две третини од 2018 година, проценува Опсерваторијата.
Договорот од 2021 година ќе го ограничи просторот за маневрирање на мултинационалните компании да ги намалат своите даночни обврски со резервирање на добивки во земји со ниски даноци со поставување на даночен праг од 15 проценти од 2024 година.
Многумина мислеа дека такво нешто е невозможно да се постигне, но сега знаеме дека и тоа е можно“, изјави Зукман.
„Логичниот следен чекор би бил примена на тој модел во оданочувањето на милијардерите, не само на мултинационалните компании“, додаде тој.
Укинувањето на банкарската тајна и минималниот данок на добивка стави крај на конкуренцијата во намалувањето на даноците, но не ги затвори сите „дупки“, посочуваат авторите на извештајот.
Богатите депонирањето пари во даночните раеви го замениа со купување недвижен имот, а компаниите можат да ги искористат дупките во одредбата за минимален данок од 15 проценти.
Според Опсерваторијата, владите денес се повеќе се натпреваруваат со субвенции, иако тоа е помалку штетно за нивната даночна основа отколку конкуренцијата со ниски даночни стапки.