Лекарите во одделот за неонатална интензивна нега во Газа се обидуваат да најдат гориво за генератори и есенцијални лекови за нивните мали пациенти, предупредувајќи дека тие би можеле да умрат за неколку минути доколку нивните инкубатори останат без струја.
„Ги повикуваме сите да ги испратат потребните медицински материјали за ова критично одделение или ќе се соочиме со огромна катастрофа“, рече д-р Насер Булбул во болницата Ал Шифа во Газа, пренесе Ројтерс.
„Доколку снема струја, во овие одделенија каде има 55 бебиња, во рок од пет минути ќе ги изгубиме сите на кои им е потребна струја“, нагласи тој.
Ашраф ал-Кидра, портпарол на Министерството за здравство на Газа, рече дека 130 новородени бебиња се во електрични инкубатори низ Појасот Газа.
Кидра рече дека генераторите во болниците, особено во болницата Шифа, најголемата од 13-те јавни болници во Газа, останале без гориво и дека горивото „се наоѓа на дното на резервоарите“.
„Ги користиме горивото само за најважното, за да спасиме животи, вклучително и инкубаторите, но не знаеме колку долго ќе трае“, рече тој.
Тој апелираше до целиот свет да помогне во снабдувањето со гориво.
„Дури побаравме од нашите јавни и приватни бензински пумпи да донираат колку што можат повеќе гориво за да помогнат во спасувањето животи во болниците“, посочи Кидра.
Израел претходно најави дека нема да биде дозволена испорака на гориво во Газа, поради стравувањата дека може да падне во рацете на милитантната палестинска група Хамас.