ЕУ се соочува со ризик од ненадеен прилив на мигранти кои бегаат поради војната меѓу Израел и Хамас, изјави денеска грчкиот министер за миграција Димитрис Каиридис и повика на будност и поголема солидарност меѓу земјите-членки.
„Секогаш постои ризик ако нестабилноста на Блискиот Исток се прошири, а особено ако соседните земји, како Египет, кој има многу големо население, бидат вовлечени во неа. Тогаш работите можат да станат многу сериозни“, рече Каиридис.
„Мораме да бидеме внимателни, ние како Европа мора да бидеме заедно што е можно повеќе. Мора подобро да ги чуваме границите, да се бориме против криминалните мрежи на шверцери со луѓе и да ги вратиме оние што нема да добијат право на азил“, грчкиот министер нагласи.
Според него, на европскиот блок му е потребен нов пакт, алудирајќи на договорот меѓу Турција и ЕУ од 2016 година за спречување на приливот на мигранти.
Каиридис во понеделникот беше во Анкара, каде што разговараше со турските власти како да се намали бројот на мигранти кои пристигнуваат во неговата земја.
Во време на голема загриженост за безбедносната ситуација поради конфликтот меѓу Израел и Хамас, Каиридис посочува дека Грција, по смртоносните исламистички напади во Белгија и Франција, води дискусии во Унијата за поголем број депортации и враќање на мигранти.
Тој се осврна на случајот со тунискиот џихадист, одговорен за убиството на двајцата Швеѓани минатата недела во Брисел, кој илегално престојувал во Белгија бидејќи му било одбиено барањето за азил. Тој влезе во ЕУ во 2011 година преку италијанскиот остров Лампедуза.
„Овде гледаме неприфатлива ситуација, не е важно дали барањето ќе биде одбиено или прифатено, тие сепак остануваат во Европа. Ние трошиме тони пари и ресурси за да ги разгледаме овие барања, но на крајот сето тоа се претвора во потсмев“ , беше груб Каиридис и повика на заеднички европски механизам за враќање.
„Само обединета Европа може да ги натера земјите на потекло да ги преземат нивните граѓани. Грција не може сама. Белгија не може сама“, заклучи грчкиот функционер.