Навивачката група „Комити“ објави остро соопштение насочено против градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и кон претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
„Комити“ бараат под итно да се доделат средствата од Градот наменети за ФК Вардар, во спротивно најавуваат радикализација.
„Упатуваме апел до претседателот на советот на Град Скопје, Трајко Славевски и градоначалничката Данела Арсовска, финансиските средства наменети за ФК Вардар, изгласани едногласно уште на 20.07.2023 да бидат доделени веднаш. Немате повеќе време за чекање!
Вашата пасивност во однос на ФК Вардар и меѓусебното префрлање на одговорноста, се недозволиви. Никогаш нема да прифатиме, било кој да има таков однос кон клубот на народот. Затоа, упатуваме јасно барање – постапете веднаш!
Доколку за 48 часа не постапите и не ја спроведете одлуката, најавуваме радикализација на борбата.
Не дозволувајте да бидете запомнети како луѓе кои свесно или несвесно го саботирале клубот на народот. Не дозволувајте повторно да треба да се огласиме по однос на ова прашање.
ВАРДАР НАД СЕ!“ стои во објавата на навивачката група.