Денеска ќе се расправа за предлогот каталонскиот, баскискиот и галицискиот да станат официјални јазици на ЕУ

Европскиот Совет за општи работи, во кој членуваат министрите за надворешни работи на 27-те земји на ЕУ, ќе се состане денеска за уште еднаш да го разгледа предлогот на Шпанија за воведување каталонски, баскиски и галициски јазици како официјални јазици на Европската унија, објави каталонскиот весник Ла Вангардиа.

На оваа тема ќе разговараат откако шпанската влада оствари низа средби со лидерите на различни земји, особено оние кои беа резервирани кон таквата идеја на состанокот во септември. За да можат трите наведени јазици да станат официјални, потребна е согласност од сите 27 земји.

Документите на ЕУ се преведуваат на официјални јазици, а политичарите, на пример во Европскиот парламент, можат да зборуваат на својот мајчин јазик доколку се официјални.

Последниот официјален јазик стана хрватскиот во 2013 година, кога Хрватска стана членка на ЕУ. Предлогот на Мадрид веројатно нема да се гласа денеска, но некои земји кои се жалат дека тоа ќе го поскапи функционирањето на ЕУ може да го омекнат својот став.

Ла Вангардиа пишува дека вратата би можела да се „отвори“ за каталонскиот јазик, кој го зборуваат 10 милиони луѓе во Каталонија, Балеарските Острови, провинцијата Валенсија, дел од провинцијата Арагон, Андора, францускиот регион Роселон и италијанскиот град Алгуер на островот Сардинија.

Бројот на говорници на каталонски е поголем од бројот на луѓе кои зборуваат некои од официјалните јазици на ЕУ, како што се хрватскиот, словенечкиот, данскиот, финскиот, словачкиот, малтешкиот, естонскиот, латвискиот, литванскиот и ирскиот, забележува весникот.

Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез, кој бара поддршка од сепаратистичките партии во Каталонија, Баскија и Галиција за да остане на власт уште четири години, се согласи со барањето на автономните покраини да ги воведат нивните јазици како официјални ЕУ јазици.

Од 19 септември, политичарите во шпанскиот парламент можат да зборуваат на овие три јазици и да водат дискусии на нив. Предлогот каталонскиот, баскискиот и галицискиот да станат официјални јазици на ЕУ досега беше отворено поддржан од Словенија, Белгија, Португалија, Романија и Кипар.

Треба да знаете
Последни објави