Во САД поради „супер магла“ се судрија 158 возила, седум загинати, десетици повредени

Најмалку седум лица загинаа вчера на меѓудржавен пат во Луизијана во серија сообраќајни несреќи во кои учествуваа најмалку 158 возила, соопшти државната полиција. Повеќе од 25 лица се пренесени во болниците со повреди од полесни до критични, додаде полицијата во вечерното соопштение за печатот.

Метеоролозите претходно соопштија дека „супер магла“ ја зафатила областа западно од Њу Орлеанс околу времето на несреќата. Супер маглата е густа магла која се развива во влажни услови и може да ја намали видливоста на помалку од десет метри, според Националната метеоролошка служба.

Властите објаснија како некои возила се запалиле по првиот судир. Едно од возилата вклучени во сообраќајните несреќи е камион цистерна кој превезувал „опасна течност“, соопшти полицијата без да ја прецизира супстанцијата.

„По отстранувањето на цистерната, службите за прва помош ќе можат подобро да ги проценат возилата во непосредна близина. Можно е да се лоцираат дополнителни жртви“, соопшти синоќа полицијата, пренесе Си-ен-ен.

Треба да знаете
Последни објави