Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е на став дека парламентарните избори треба да се одржат на ист ден со вториот круг од претседателските избори.
Ова барање, тој го оправдува со цел да се заштедат средства во Буџетот, но и да се отфрли опасноста во вториот круг на претседателските избори да не може да се постигне потребната излезност.
Но извори блиски до опозициската партија велат дека зад инсистирањето на Мицкоски за споени избори, се крие и негов евентуален страв од пораз на претседателските избори.
Вакво гледиште на нештата веќе подолго време споделува и новинарот и аналитичар Васко Ефтов кој смета дека ако нема договор за споени избори, Мицкоски многу веројатно дека ќе ги бојкотира претседателските избори, затоа што според Ефтов, сите анкети покажуваат дека евентуален заеднички кандидат на проевропскиот блок, би го поразил кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, ако Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги изгубат претседателските избори, ќе дојде до разочарување кај партиското членство и следно, најверојатен пораз и на парламентарните избори.
Според спикерот Талат Џафери, изборите ќе се одржат согласно законските рокови, а единствен датум каде парламентарните избори можат да се поклопат со вториот круг од претседателските е недела 5 мај, но тогаш е големиот христијански празник Велигден, па останува можност изборниот ден да биде среда, 8 мај.
Откако е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски еднаш веќе има бојкотирано избори, станува збор за предвремените избори за градоначалник на општина Штип на 13 декември 2020 година.
Тогаш, како оправдување за бојкотот ја наведуваше пандемијата со коронавирусот, иако само неколку месеци претходно исто за време на пандемијата со корона, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ учествуваа на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули 2020 година.
Две години претходно, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираа консултативниот референдум за промена на уставното име на државата.