Најмалку 13 полицајци загинаа во вооружен напад во јужно Мексико

Најмалку 13 полицајци се убиени во вооружен напад што денеска се случи во јужно Мексико, јавија локалните медиуми.

Меѓу жртвите е и началникот на локалната полиција во градот Којука де Бенитез, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител на државата Гереро. Мотивот за нападот се уште не е познат.

Полицајците се движеле со неколку возила кога биле нападнати од заседа, јавуваат медиумите. Којука де Бенитез се наоѓа на брегот на Пацификот, каде што неколку криминални групи се борат за контрола на патиштата за шверц на дрога.

Претходниот полициски началник поднесе оставка во јануари по обидот за атентат врз него.

Мексико, земја со 126 милиони жители, со години страда од висок криминал и широко распространета неказнивост. Приближно 32.000 убиства биле пријавени во земјата во 2022 година. Повеќето од злосторствата никогаш не се расветлени. 

Треба да знаете
Последни објави