По денешното пукање во „Ист гејт мол“, едно лице е во критична состојба, а друго е пренесено на Клиниката за торакална хирургија. Информацијата за МИА ја потврди директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков.
– Двајца пациенти се примени во болницата, станува збор за две машки лица. Едниот пациент е задржан кај нас, веднаш е однесен во операциона сала поради сериозноста на повредите. Во моментов се изведува оперативен зафат кај овој пациент. Во тешка состојба е и врз него се врши оперативен зафат поради повреди во стомакот и во градната шуплина. Другиот е препратен на Клиниката за торакална хирургија. И кај едниот и кај другиот пациент се работи за прострелни рани, појасни Арсенков.
Како што дознаваме од повеќе извори, едниот од ранетите е Раде Трајковски Штекли лице од скопското подземје.
Пред два месеци, врз Штекли исто така имаше вооружен напад, исто на паркингот на Ист Гејт Мол, но тогаш тој не беше повреден.
Министерството за внатрешни работи потврди дека имало пукање во овој скопски трговски центар, екипи на МВР се на терен и работат на расчистување на случајот.