Расте бројот на антисемитски инциденти во САД

Антисемитските инциденти во САД се зголемени за околу 400 отсто откако палестинската милитантна група Хамас го нападна Израел на 7 октомври, се вели во соопштението на Лигата против клевета (ADL).

Помеѓу 7 и 23 октомври, имаше 388 отсто зголемување на антисемитските инциденти во САД во споредба со истиот период минатата година, јавува Гласот на Америка.

Во тој период, според истражувањето на АДЛ, биле пријавени 312 антисемитски инциденти, од кои 190 биле директно поврзани со војната меѓу Израел и Хамас.

Меѓу примерите наведени од АДЛ беа физички напади, насилни онлајн пораки, особено на Телеграм, и собири каде што „АДЛ најде експлицитна или силна имплицитна поддршка за Хамас и/или насилство врз Евреите“.

Антисемитизмот веќе беше во пораст во САД пред војната, со речиси 3.700 антисемитски инциденти пријавени минатата година, повеќе од која било година откако АДЛ почна да го следи проблемот во 1979 година.

Американското Министерство за правда соопшти дека ги следи растечките закани за Евреите и муслиманите поради конфликтот на Блискиот Исток, а претседателот Џозеф Бајден го осуди антисемитизмот и исламофобијата во САД.

Треба да знаете
Последни објави