Германија со поддршка за Гутереш

Германската Влада изрази поддршка на генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш, еден ден откако неговиот говор длабоко го налути Израел и ја поттикна еврејската држава да побара негова оставка, јави Германската новинска агенција (ДПА).

Портпаролот на германската Влада, Штефен Хебестрајт одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Берлин истакна: „Генералниот секретар на ОН ја има довербата на германската Влада“.

Тензиите се зголемија вчера откако Гутереш го критикуваше немилосрдното израелско бомбардирање и опсада на Појасот Газа по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври. Според Гутереш тоа е „јасно кршење на меѓународното хуманитарно право“ и „колективно казнување“ на Палестинците.

Осудувајќи ги терористичките напади врз Израел, Гутереш потенцира дека Палестинците со децении живеат под „окупација“.

Постојаниот претставник на Израел во ОН, Гилад Ердан го обвини Гутереш дека го оправдува тероризмот и го побара да поднесе оставка.

Генералниот секретар на ОН, кој покажува разбирање за кампањата за масовно убивање на деца, жени и стари лица не е способен да раководи со ОН. Го повикувам веднаш да поднесе оставка, напиша Ердан вчера на социјалната мрежа Икс. 

Треба да знаете
Последни објави