Актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година, беа главни теми на денешната средба во Брисел на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
– Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, наведе Маричиќ по средбата.
Тој во објава на Фејсбук потенцира дека членството на земјава во ЕУ е на дофат и треба да го искористиме позитивниот политички моментум, бидејќи ова е шанса која не знаеме кога и дали воопшто ќе ја имаме повторно.
– Новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија во оваа фаза од процесот на пристапување во ЕУ, ќе ги постави многу повисоко целите и насоките за подобрување на резултатите во сите области, додава Маричиќ во објавата.
На средбата Маричиќ потенцираше дека за Владата членството во ЕУ останува клучен надворешнополитички приоритет и дека се прават сите напори земјата да остане во процесот на преговори и да напредува со другите држави од регионот.
Инаку, Маричиќ, кој вчера допатува во Брисел за учество на дводневниот Форум „Глобална порта“, што денеска и утре се одржува во организација на Европската комисија, во текот на вчерашниот ден имаше средби и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду.