Маричиќ: Имаме силна и недвосмислена поддршка од земјите на ЕУ за продолжување на преговорите за членство 

Државите членки на ЕУ даваат силна и недвосмислена поддршката за нашето продолжување на преговорите за членство во Унијата и за брз напредок во евроинтегративниот процес, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по брифингот во Брисел со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА). 

– Работиме да ги доближиме вредностите и придобивките од ЕУ до граѓаните, е пораката која денеска ја пратив на состанокот со делегатите на земјите членки од работната група за проширување во Советот на ЕУ, КОЕЛА. Правиме заеднички напори за време на шпанското претседателство процесот да влезе во нова, напредна фаза и Северна Македонија да продолжи кон полноправно членство во ЕУ, наведе Маричиќ на Фејсбук.

Претходно денеска, Маричиќ присуствуваше на состанокот од билатералниот скрининг за Поглавје 13 – „Рибарство“, на кој во фокусот на агендата се развојот на политиките и степенот на усогласеност на македонското со законодавството ЕУ во секторот рибарство.   

Вицепремиерот Маричиќ престојува во работна посета на Брисел, во чии рамки учествуваше на Форум „Глобална порта“, каде имаше обраќање на лидерската сесија за образование и истражување „Посилни заедно преку одржливи инвестиции“, а имаше средби и со претставници на Европската комисија на кои главни теми беа актуелните политички настани во земјата, скрининг процесот, очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот,  посветеноста на ЕУ да се создаде погодна средина за нејзино проширување до 2030 година, како и подготвеноста на Унијата дополнително да го унапреди преговарачкиот процес со Северна Македонија и регионот во наредниот период, што ќе даде јасни и видливи резултати во приближувањето кон блокот.    

Европската унија работи на паралелни реформи во институциите, буџетот и процесите за донесување одлуки, со цел до 2030 година да се создаде погодна средина за нејзино проширување на Унијата,

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Маричиќ изминативе два дена се сретна со еврокомесарите за проширување и за буџет и администрација, Оливер Вархеји и Јоханес Хан, како и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан.Копман, а во вторникот и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду.

– Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, порача Маричиќ. 

Треба да знаете
Последни објави