Изабела Роселини, која „Ланком“ ја отпиша пред да наполни 43 години дека била стара, сега е на насловната страница на октомвриското издание на италијанскиот „Вог“.
Компанијата за убавина на крајот ја увиде својата грешка и ја повика назад во 2016 година, потсетуваат медиумите.
Изабела сега има 71 година и збрчкано изгледа шик и кралски. Фотографијата е многу поприближна, попривлечна и шармантна во споредба со други жени од насловни страници, повеќето од нив ретуширани, сметаат познавачите. Според нив, максималното фотошопирање е целосно поразување на субјектот.
„Отфрлете го ‘ејџизмот’, може ли да имаме поискрен приказ на убавината?“
Во придружното интервју за „Вог“, Изабела – модел, актерка, сопственик на органска фарма – вели: „Токму тоа го барам од модата и козметиката. Сметам дека е многу редуктивно да изгледате помладо од својата возраст и во секој случај тоа е изгубена битка. Го замолив ‘Вог Италија’ да не ги ретушира фотографиите и да ме остави со моите брчки. Ако на 43 бев стара, сега на 71 сум таман. Франческа Рагаци, која го води списанието, прифати: новите генерации бараат помодерни и поинтелигентни дефиниции за убавина“.
Светските шоу-биз медиуми коментираат дека важно е за помладите жени, а и за сите жени, да имаат инспиративен модел за убавина. Жени што му пркосат на притисокот да изгледаат младо, без оглед на недостижните стандарди за убавина во индустриите за манекенство, глума и мода.
Според стандардите на модната индустрија, моделите и манекенките над 30 се стари, но работите почнуваат да се менуваат. Многу се пишува и се зборува гласно за „ејџизмот“ и за агресивното форсирање на естетската хирургија во модната и во филмската индустрија. Ретко се случува да видите некоја ѕвезда што ќе добие медиумски простор ако не се „подмладува“ до граници на непрепознатливост.
Насловната на „Вог“- без фотошоп, без филтри и разубавувачи – е секако голема шлаканица за „ејџистите“.
Изабела се појави 38 пати на насловната на „Вог“ и беше најплатениот модел на светот по потпишувањето договор со „Ланком“. Рекламира нивни парфеми, кармини и козметика за лице речиси една деценија сè додека не наполни 43 години кога ѝ го прекинаа договорот дека била стара. Некои таблоиди се навратија на поранешните корици на ова модно списание, а кои ги краси токму таа.