У19: Втора победа на македонските фудбалерки во евроквалификациите

Македонската женска фудбалска репрезентација до 19 години ја совлада попладнево Ерменија со 6-0 (2-0) и ја забележа втората победа на квалификацискиот турнир од Б дивизијата во Лигата на нации за пласман во Елитната рунда и место кое води на Европското првенство 2024 во Литванија.

Македонските фудбалерки во дуелот во Ереван против домаќинот на квалификацискиот турнир дојдоа во водство во 22 минута со голот на Веса Села, а Билјана Панеска во судиското продолжение на првиот дел зголеми од пенал на 2-0.

Во второто полувреме, Села (48,63) и Панеска (78, 90+1) дојдоа до хет-трик за убедлив триумф. 

По стартната победа над Луксембург од 4-0, македонската репрезентација со максимални шест бодови е на делба на првото место со Украина, која претходно денеска, исто така, беше поуспешна од Луксембург со 6-0.

Дуелот меѓу македонската и украинската репрезентација, кој ќе го одлучи победникот во квалификациската група 5 во Б-дивизијата, е закажан во понеделник со почеток во 12 часот во Амавир.

Пласман во Елитната рунда и продолжување на евроквалификациите ќе обезбедат победниците на шесте групи во Б дивизијата, како и најдобрата второпласирана репрезентација. 

Треба да знаете
Последни објави