Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), контраадмирал Даниел Хагари, денеска изјави дека главната оперативна база на терористичката група Хамас се наоѓа под болницата Шифа во градот Газа и ја обвини палестинската милитантна група дека ги користи вработените и пациентите во болницата како човечки штитови.
– Во болниците има гориво што Хамас го користи за својата терористичка инфраструктура. Терористите слободно се движат во болницата Ал-Шифи во градот Газа, најголемата на палестинската територија и во други болници, изјави воениот портпарол Даниел Хагари, повторувајќи го израелското обвинување дека Хамас го користи населението во Газа како „човечки штит“.
Според портпаролот, исламистичкото движење ги користи болниците како „командни пунктови и скривалишта“, од каде имаат пристап до нивната мрежа на подземни тунели.
Хамас остро возврати веднаш на тие обвинувања на израелската Армија дека ги злоупотребува болниците за да ги заштити своите воени напори.
– Нема основа за вистината во она што го изјави портпаролот на непријателската армија, рече Изат ал Ришк, висок член на политичкото биро на Хамас. Тој го обвини Израел дека ги изнесе наводите за „да го отвори патот за нов масакр врз нашиот народ“.
Хагари истакна дека Израел има разузнавачки информации дека има неколку тунели кои водат до подземната база, така што претставниците на Хамас не треба да влегуваат во болницата за да стигнат до базата, објави „Тајмс оф Израел“.
Хагари изјави дека, сепак, има и влез во подземниот комплекс од еден од одделенијата на болницата.