Придобивките и предизвиците од пристапувањето на земјите од Јужна и Источна Европа во Единствената европска платежна област (СЕПА), беа тема на панел-дискусијата којашто се одржа во рамките на меѓународната конференција „Финансиските пазари на Црна Гора”, на која учествуваше самостојната советничка во Дирекцијата за платни системи, Биљана Доновска-Гечева, како претставничка на Народната банка.
На панел-дискусијата, Доновска-Гечева ја изнесе досегашната заложба на нашата земја за унапредувања во областа на платните системи со донесувањето на Законот за платежни услуги и платните системи, нагласувајќи дека е овозможена неговата практична примена, преку сет од 26 подзаконски акти, усвоени од Народната банка. Таа се осврна на значајноста на ефикасните и сигурни платни системи како олеснувачи на трговијата и паричните текови на земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека нивното интегрирање во СЕПА е од исклучително значење, имајќи го предвид можното намалување на трошоците и подобрената ефикасност на плаќањата на нивните платни системи. Оттука, беше нагласена потребата од истовремен одговор на предизвиците коишто ги носи поврзувањето со СЕПА и од постојано тежнеење кон засилување на досегашната успешна соработка на земјите од Западен Балкан, заради размена на искуства при обезбедувањето еквивалентни технички стандарди на платните системи, во согласност со стандардите примени во СЕПА, како заедничко комуницирање и пристапување кон релевантни европски институции.
На Конференцијата одржана во Подгорица, Црна Гора, посветена на пазарот на капитал, микроекономското опкружување и на плаќањата, учествуваа повеќе од 360 експерти од 15 различни земји.